• en
  • mk
  • sq
  • en
  • mk
  • sq

За Нансен Моделот за интеркултурно образование

Нансен моделот за интеркултурно образование (НМИО) е нов модел на образование во Република Македонија кој овозможува успешна интеграција на учениците, родителите и наставниците од различни етнички заедници преку современ воспитно образовен процес.
НМИО е модел на образование кој ги негува, охрабрува и интегрира во себе мултиетничките вредности, двојазичноста и истовремено ја промовира и поддржува соработката помеѓу учениците, наставниците и родителите која е втемелена врз почитувањето на разликите, градејќи притоа една кохезивна мултиетничка заедница.

Моделот е развиен и практично применет во 2007 година после две годишна работа на проекти за дијалог и помирување во пост-конфликтните и поделени општества во Македонија. Од тогаш, моделот успешно се применува во неколку селектирани основни и средни училишта низ различни општини во Македонија и покажува одлични резултати.

Интеграција како компонента е една од основните карактеристики на училиштата кои го применуваат Нансен моделот за интеркултурно образование. Моделот ја поддржува интеграцијата на ученици припадници на различни етнички заедници, кои заедно престојуваат и го следат наставниот процес (секој на својот мајчин јазик) во иста училишна зграда и во иста смена.
Освен што се промовира интеграција на учениците, последично доаѓа и до интеграција на наставниот кадар, со различно етничко потекло, а секако важна придобивка е и интегрирањето помеѓу родителите на запишаните ученици.

НМИО нуди тесна корелација помеѓу содржините од официјалните наставни програми и програмите за активности од неформален, воннаставен карактер, збогатувајќи ги во меѓувреме интегрираните воннаставни активности со двојазичниот приод и методот на игра.

Инвентивните интегрирани воннаставни активности преку индивидуализираниот пристап кон секој ученик, двојазичниот приод, како и континуирана тимска и тандемска форма на работа влијаат врз подобрувањето на квалитетот на целокупниот воспитно-образовниот процес, како и на развојот на мноштво компетенции и животни вештини кај учениците, наставниците и родителите неопходни за квалитетен соживот во заедници со мултиетнички карактер.

Придобивките од овој модел на образование се следните:

За учениците – содржински богати воннаставни активности кои ќе им овозможат: развивање на нови вештини, збогатување и стекнување на нови знаења, градење на самодовербата како и промовирање на комуникацијата, социјализацијата, дијалогот, толераницијата и надминувањето на стереотипите и предрасудите. Учениците исто така учествуваат во многубројни спортски и културни активности во и надвор од училиштето.

За родителите – посебна програма за годишна соработка со родителите која ја промовира нивната активна улога во училиштето и ја поттикува навиката за континуирано учење и стекнување на вештини, ја зајакнува соработката помеѓу родителите и наставниците од различни етнички заедници итн.

За наставниот кадар и стручните служби – професионална практична и теоретска обука за интегрирано образование преку Центарот за обука на НДЦ Скопје, разновидни работилници, богата стручна литература, дидактички материјали за работа, програми за професионален развој и континуирана надградба на знаењата и вештините итн.

За училиштето – подобрени услови за работа, разновидна современа опрема и дидактички помагала, мултифункционални училници, квалитетна редовна настава и воннаставни активности, позитивна социо-емоционална клима, подобрена комуникација помеѓу кадарот на училиштето, родителите

Месечна ахива