• en
  • mk
  • sq
  • en
  • mk
  • sq

Програми за наставници

Од 2008 година, Нансен Дијалог Центар Скопје организира теоретски и практични обуки и работилници за наставниците и професорите од основните и средните училишта кои се непосредни реализатори на годишните програми за интегрирани воннаставни активности според Нансен моделот за интегрирано образование.

Поради дефицитот на стручен кадар кој може да работи на програми за интегрирано образование во мултиетнички училишта, НДЦ Скопје во соработка со Министерството за Образование и Наука на Р.Македонија во јуни, 2012 година го основа првиот Тренинг центар за интегрирано образование.

Тренинг центарот за интеркултурно образование нуди теоретска и практична обука за Нансен модел на интеркултурно образование преку која сите идни реализатори и промотори на моделот ќе се запознаат со карактеристиките, обележјата и придобивките на интегриран модел на образование, како и со неопходните вештини за успешна непосредна реализација на истиот во училиштата со мултиетничка структура на ученици. Во склоп на Тренинг центарот се ангажирани домашни и меѓународни експерти од областа на интегрираното образование, истакнати универзитетски професори од Македонија, предавачи од Советот за интегрирано образование на Северна Ирска и професори од Нансен Академијата од Норвешка.

Според содржината и нивото на сложеност, обуките се организираат во две нивоа (циклуси)

Покрај обуките кои се нудат во рамките на Тренинг центарот за интеркултурно образование, тимовите со експерти за едукација, обука и развој при НДЦ Скопје ги подготвуваат програмите за воннаставни активности, програмите за обуки, прирачниците за наставниците, додека пак тимот за опсервација и поддршка ја нуди стручно-консултативната помош. Тимот за евалуација е задолжен за вреднување на успешноста на имплементацијата на сите програмски аспекти.

Дидактички пакети за реализаторите на годишните програми за интегрирани воннаставни активности

Тимот за едукација при НДЦ Скопје изготви посебни дидактички пакети (прирачници), кои претставуваат збирка на корисни извори, содржини и врски, создадени со цел да послужат како дополнителна поддршка и помош во процесот на планирање, организирање и имплементација на воннаставните активности, во согласност со годишните програми за интегрирани воннаставни активности во рамките на проектот Нансен моделот за интеркултурно образование.
Дидактичкиот прирачник е наменет да послужи како водич за наставниците, нудејќи повеќе специфични модели, примери на различни активности (во повеќе секции), примери на работни листови, извори на аудио-визуелни материјали кои на воннаставните активности ќе им дадат динамика, разновидност и ќе се избегне ризикот од повторливост и предвидливост.

Нудејќи го овој материјал, Тимот за едукација при НДЦ Скопје го олесни процесот на откривање на корисни дидактичко-методски извори со цел да се обезбедат висококвалитетни воннаставни активности, како додаток на годишните програми за интегрирани воннаставни активности, како главен столб на Нансен моделот за интеркултурно образование.

Дидактичките пакети им се доделуваат на наставниците кои се непосредни реализатори на интегрираните воннаставни активности во прилог на годишните програми за интегрирани воннаставни активности, односно:

  • Дидактички прирачници за основно образование
  • Дидактички прирачници за средно образование

Тенденцијата на дидактичките пакети исто така е и поттикнување на креативноста и инвентивноста на наставниците, со што ќе ја збогатат целокупната содржина на воннаставните активности.

Архиви